Има два начина вашата фирма да се појави во медиумите, првиот е со пишување на соопштение за медиуми и втората со рекламирање – првото е поефтино. Сепак, за да стигне вашето соопштение до уредниците и да го одобрат да се објави, потребно е да имате познавање од пишување на новинарски текстови и да ја разбирате уредничката етика. Има неколку предуслови што треба да ги исполнувате за да можете да испратите соопштение кое е интересно да се испечати.
Изберете тема – најважно кога пишувате соопштение за медиуми е да не заборавите ни за момент дека пишувате соопштение, не реклама. Иако главната цел на успешно напишано соопштение е да добиете нови клиенти, сепак првично е дека треба да пренесете нова вест. Еве неколку пример теми за кои можете да пишувате соопштение. Ова се одлични примери за кои треба да испратите соопштение, кое може да ви обезбеди интервју, доколку ја пренесете веста на вистинскиот начин:
• Вашата компанија организира настан кој што е отворен за пошироката јавност
• Сте добиле награда или признание во вашата област
• Издавате книга или ЦД, организирате изложба, итн
• Извршувате важна општествена услуга
• Вашата компанија нуди нов производ или услуга
• Вашата комоанија нуди пракса, обуки, часови или шанса за волонтирање
• Држите предавања или курсеви
Секако, има и други настани кои се однесуваат на вашиот бизнис, а можат да добијат соодветно место во медиумите:
• Сте отвориле нова канцеларија
• Сте добиле сертификат за завршена обука или курс во вашата област
• Имате отворен ден
• Издавате информативна брошура или друга публикација достапна за широката јавност
Новинарски аспект
Веќе кога ќе ја изберете темата за соопштение, подготвени сте за пишување. За да напишете успешно соопштение, потребно е да знаете две основни новинарски правила. Првото е – секоја вест треба да има одговор на прашањата: кој, што, каде, кога и зошто. Втората работа е – сите вести треба да бидат напишани како ’неправилна пирамида’. Тоа значи дека прво треба да ја напишете главната вест, па надолу да следат помалку важните информации. Ова се прави бидејќи поголем дел од уредницитего читаат првиот пасос или го скратуваат текстот. Вашето соопштение ќе го читаат уредници и професионални новинари. Тоа значи дека мора да употребувате правилна реченична структура, точни фрази и точна интерпункција. Колку помалку работа има уредникот при средување на соопштението, толку се поголеми шансите да ви го објави. Два начина на кој што можете да го проверите ова е ако го прочитате на глас или да го дадете на некој ваш член од фамилијата да го препрочита откако ќе го напишете.
Доколку читате весници редовно (а треба!) сигурно сте забележале дека начинот на пишување е краток и јасен. Треба да избегнувате долги конфузни реченици и епитети. Секако дека мора да имате веќе проверени факти и да добиете одобрение од луѓето кои ги цитирате.
Структура на соопштението
Меѓу најважните работи кои ќе го задржат вниманието на уредникот и читателите (освен содржината секако) е насловот. Употребете колку што можете помалку зборови во реченица, и накратко и на интересен начин објаснете за што е соопштението. Наместо да напишете: жена објави брошура “Како да станеш виртуелен асистент“, пробајте да напишете: “Станете виртуелен асистент за да имате флексибилност и независност“.
Уште во првиот, главен параграф, треба да ги опфатите одговорите на петте главни прашања и краток опис на веста која следи. Исто така, треба да содржи ’нешто’ што ќе ги натера да продолжат да читаат. Вообичаено е цитат или потврден факт кој што ќе го задржи вниманието. Еве пример за тоа ’нешто’:
(’нешто’) Деспина Арсова (кој) работи во пижами, сега можеш и ти. Арсова, која што е професионален виртуелен асистент, напиша книга (што) во која го објаснува процесот на станување виртуелен асистент. (зошто) Книгата „Како да станете виртуелен асистент“ ќе биде достапна од следниот месец(кога) во сите книжарите(каде) ширум Македонија.
Во главниот дел на текстот треба да ја објасните кратката информација од првиот параграф. Конкретно за примерот, можете да наведете историја како сте стигнале до идејата за ваков бизнис, на кој начин ви го сменил животот, додадете цитати и слично. Задолжително структурирајте го текстот според правилото ’неправилна пирамида’.
Биографија и контакт информациите ставете ги во последниот дел на соопштението. Вообичаено тоа би изгледало вака: „Деспина Арсова е сопственик на компанија за виртуелна асистенција. Можете да ја контактирате на ….. “
Вообичаени грешки
Да напишете предолго соопштение – бидете кратки и јасни. Употребувајте кратки, јасни и лесни реченици. Најчесто соопштението има околу 600 зборови.
Да употребите погрешен формат – секогаш употребувајте вистински формат на соопштение за медиуми. Тоа значи: почнете со наслов, не пишувајте се со големи букви и на крајот ставете целосни информации за контакт.
Да напишете досаден наслов – речиси секогаш, насловот е тој што ќе одлучи дали уредникот ќе го прочита вашето соопштение или не.
Да направите граматички грешки – поголем дел од уредниците веднаш ќе го фрлат соопштението, нема да ги поправаат грешките. За да делувате професионално препрочитајте го соопштението пред да го пратите.
Да го тормозите уредникот – не се јавувајте кај уредникот за да проверите дали го добиле вашето соопштение. Се смета за непрофесионално. Секогаш крајната одлука е на уредникот.
Каде и како да го пратите соопштението за медиуми
Различни издавачи имаат различен протокол за објава на соопштение за медиуми. Обично, сите го праќаат по електорнска пошта или по факс, но сепак претходно треба да прашате дали сакаат да го добијат. Адресите и броевите можете да ги најдете на интернет, на нивните официјални интернет страници, или уште посигурно, да ја откупите листата од агенција.
Кога веќе ќе го имате контактот, јавете им се за да се осигурате каков формат на соопштение треба да изготвите. Запомнете: се јавувате да добиете основни информации. Не смеете да го фалите вашето соопштение или да ги убедувате дека треба да го објават.
Откако ќе го испратите соопштението, проверете ги наредниот ден медиумите за да проверите дали е објавено. Доколку соопштението не е временски ограничено, може да не го објават веднаш, да го зачуваат за друг ден, недела, дури и месец подоцна. Ако веќе е објавено, испратете благодарност до уредникот што ви излегол во пресрет. Со тоа ќе обезбедите вашите следни соопштенија полесно да стигнат до објавување.
◄ |